Силва и Вархеји во посредничка мисија во Скопје и Софија

by Fokus

Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, во името на Претседателството со Советот на Европската Унија, и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, денеска ќе ги посетат Бугарија и Северна Македонија за да разговараат со властите на двете земји на теми поврзани со процесот на проширување на ЕУ.

Претпладнево во Софија, тие ќе се сретнат со претседателот Румен Радев, како и со премиерот и со министерот за надворешни работи во новата техничка влада, а попладне во Скопје ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски, и со премиерот Зоран Зае заедно со заменик-претседателот на владата и со министерот за надворешни работи, стои во најавата од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Посредничката мисија на Португалија вчера ја потврди и премиерот Зоран Заев, кој рече дека португалското претседателство разработува цела стратегија со која ќе настапи пред Софија и Скопје.

-Верувам дека до крајот на оваа недела ќе се случи тоа. Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако ги чепнете македонскиот идентитет и јазик, тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал. Ние преку португалското претседателство и еврокомесарот Вархеји разговараме како влади. Очекувам до крајот на неделата министерот за надворешни работи на Португалија, која е претседавач со ЕУ, и комесарот да одат во Софија и да дојдат тука и да соопштат решение на кое работат веќе пет-шест месеци, изјави Заев.

Според поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, предлогот на Силва и Вархеи со кој би се одблокирал пристапниот процес за Северна Македонија, не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија. Целта на посетата според неа е претседателот Румен Радев и техничката влада што тој ја назначи да ја одобрат Преговарачката рамка за Северна Македонија за да може да се одржи првата меѓувладина конференција и де факто да почнат преговорите за членство со ЕУ, но без потребните гаранции за Бугарија.

-Обидот за компромисен предлог е јавна тајна во Брисел и тој циркулира низ ходниците на Европската комисија и Советот. Се запознав со него и ќе си дозволам однапред да го коментирам. За жал, предлогот повторно не одговора на рамковната позиција на Бугарија, прифатена од Владата и едногласно усвоена во парламентот, бидејќи во него нема никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности. Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане? Дали Република Северна Македонија повеќе нема да ги прогонува своите граѓани со бугарска самосвест? Дали на граница нема да попречуваат влез на бугарски книги? Дали нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе запрат со црната кампања против Бугарија низ цела Европа? Јас овие гаранции не ги видов, пишува Захариева на Фејбук.

Поврзани новости