Силно невреме со грмотевици и силен дожд вечерва ја зафати Струмица и регионот.
Дождот поплави дел од улиците низ градот, а обилните врнежите во некои делови од областа не стивнуваат речиси два часа, јавуваат локалните медиуми.
Исто така и гром удри во куќа во селото Муртино во 20:50 часот по што се запалила покривната конструкција, која по интервенција на пожарникарите е изгаснат.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вечерва објави дека по второто невреме било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата „Младинска“, која е една од пониските коти во градот.
– Не можеме денес да го решиме проблемот со нивелацијата, но најитно се заложувам со изработка на проект за реконструкција на улицата и трајно решавање на овој проблем. Дополнително ќе започнеме со дронско снимање на одводните канали за јавно да ги објавиме сите објекти кои се изградени врз одводните канали, а кои предизвикуваат потешкотии во одводнувањето при такви обилни врнежи од дожд, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.
Тој ги замоли засегнатите граѓани за разбирање и трпение и вети дека ќе го реши овој проблем.