Силно невреме во САД, има и жртви: откажани летови, прекини во струјата, поплави

by Fokus

Најмалку четири лица загинаа во силна бура што го зафати источниот брег на САД, предизвикувајќи поплави, огромни прекини на струјата и откажување на летови.

Една жена загина во поплавите во близина на Чарлстон, Јужна Каролина, а тројца мажи ги загубија животите во Масачусетс, Мејн и Пенсилванија, на североистокот на САД, додека бурата се движи кон Канада, јавува Би-Би-Си.

Повеќе од милион жители на источниот брег се во тревога од поплави, а повеќе од 600.000 домаќинства се без струја.

Времето донесе силен дожд што предизвика поплавување на реките, соопшти американската Национална метеоролошка служба (NWS).

Налетите на ветрот достигнаа 70 милји на час долж јужниот брег на Нова Англија. Поради силниот ветер и обилните врнежи од дожд условите во сообраќајот се многу отежнати и опасни. Повеќе од 4.900 летови се одложени, а околу 500 се откажани.

Според FlightAware, најтешко биле погодени аеродромите во Бостон и Њујорк. Училиштата низ Нова Англија се затворени поради невремето. Во наредните денови се очекува суво време, што ќе овозможи дел од поплавите да се повлечат, информираат од NWS.

Поврзани новости