Силно невреме и снег ја зафати Црна Гора и приморјето

by Фокус

Црна Гора беше погодена од силно невреме, придружено со силен ветер и неочекувани снежни врнежи, што предизвикаа проблеми во повеќе региони. Во главниот град Подгорица, како и на приморјето, последиците од временските непогоди се значителни.

Во Подгорица силниот ветер собори неколку дрвја, а градските служби веднаш реагираа за санирање на штетите. Според изјавата на градоначалникот Саша Мујовиќ, сите надлежни институции се на терен и работат на заштита на граѓаните и нивниот имот.

-Ги презедовме сите активности кои можат да придонесат за зачувување на граѓаните, нивното здравје и имот. Сите служби се подготвени за предизвиците кои ги носат временските непогоди – изјави Мујовиќ.

Најголемо изненадување предизвика снегот што падна на црногорското приморје. Плажите, палмите и покривите во Улцињ, Стари Бар и Велики Пијешак се покриени со снежна покривка, што е ретка глетка за овој регион.

„Белиот песок“ на плажите доби ново значење, додека локалните жители и туристите споделуваат неверојатни фотографии од снежните пејзажи. Сепак, снежното невреме донесе и сериозни проблеми. Голем дел од Улцињ и Бар останаа без струја поради прекини на далноводите „Можура-Улцињ“ и „Бар110-Улцињ“.

Локалните власти соопштија дека сите расположиви ресурси се ангажирани за справување со последиците од невремето. Граѓаните се предупредени да бидат претпазливи, особено поради ризикот од паѓање на дрвја и прекини во снабдувањето со струја.

Иако снежната покривка донесе уникатни пејзажи, невремето потсети на сериозните предизвици кои ги носат екстремните временски услови.

Поврзани новости