Силните и слабите во меѓународната политика: Америка, Русија, Украина и Македонија

by Фокус

Ни стана лоша навика да чекаме други да ни ги решаваат споровите. Во тоа чекање може да настрадаме баш како што настрада Украина. Зашто ако ја препуштите судбината на својата држава на големите сили, ама баш во сѐ, и ако предизвикате конфликт, ризикувате да завршите како Украина, во една какафонија на противречни интереси и погрешни проценки.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Доминантната западна научна мисла за меѓународни односи, онаа на реалистите, веќе ја прогласи војната во Украина за колосална американска грешка, не помала од грешките во Виетнам, Авганистан или во Ирак.

Во нивните анализи има еден заеднички именител: причина за војната е ширењето на американската моќ преку НАТО, до самите граници на Русија.

Паралелата што се прави со реакцијата на Русија на таа експанзија на американската моќ, е реакцијата на Америка на поставувањето ракетни системи на Куба во 1962 година, кога САД, по цена на нуклеарна војна, се спротивставија на намерите на Москва.

Ништо не мораше да биде баш како што се случи, велат реалистите, анализирајќи ги причините за агресијата врз Украина.

Всушност, на почетокот, укажуваат тие, Москва упорно бараше неутралност за Украина, но Америка го одбиваше тоа решение. Неутралноста ќе направеше од Украина и „тампон зона“ меѓу Западот и Русија, и така ќе се избегнеше ова ужасно човечко страдање и распад на една држава.

И повеќе од тоа, заклучуваат американските реалисти: неутрална Украина ќе беше мост меѓу Русија и остатокот од Европа, а војната веројатно ќе се избегнеше.

Москва се согласи во Минск да го почитува суверенитетот на Украина, под услов, во регионот на Донбас да се гарантираат правата на руското говорно население, но САД и НАТО премолчија кога Киев ги прекрши договорите од Минск.

Рано на почетокот од војната кога посредништвото на Турција произведе нацрт мировен договор меѓу Русија и Украина, Западот, преку Британците, интервенираше со барање Украина да го отфрли.

Ако се во право реалистите дека војната во Украина е грешка на американската надворешна политика, дали, по автоматизам, згрешила и македонската надворешна политика со зачленувањето во НАТО? Не.

Станува збор за две различни приказни. Првата, американската приказна е за големата сила во ривалитет за светски примат со другата голема сила Русија.

Втората, македонската приказна е за мала држава, која бара спас да опстане во анархичната структура на меѓународното општество под безбедносниот чадор на Америка.

РАЗЛИЧНИ ПРИКАЗНИ

Свежи ми се сеќавањата од една конференција од 1990-тите во Вирџинија, на која зборуваа претставници на американската политичка, воена и интелектуална елита на тема „Иднината на НАТО“.

Амбасадорите во ОН на земјите на Источна Европа чекаа во ред да ја изразат желбата на своите држави за членство во Алијансата. Тоа беше доказ дека, пред САД да одлучат дали да тргнат на Исток, земјите од некогашниот источен блок веќе тргнаа на Запад.

Свесен дека, како меѓународно непризната држава, такви шанси за членство тогашна Македонија немаше, претседателот Глигоров, при посетата на Белата куќа, на американскиот советник за национална безбедност генералот Брент Скокрофт и на државниот секретар Лоренс Иглбергер, им подаде плико во кое, подоцна разбрав, била понудата за користење на воениот полигон „Криволак“ во Македонија.

Логиката на претседателот беше јасна: ако не може државата во НАТО, барем НАТО да влезе во државата. Таква беше силната желба на помалите држави да го имаат над себе безбедносниот чадор на Америка.

И прашање е како ќе изгледаше Балканот и Европа денес без стабилизирачката улога на НАТО. Триесет години подоцна, читам деновиве, и најновите истражувања покажуваат дека безмалку нема држава што не го посакувала тој безбедносен чадор на Америка.

Најмногу тоа го посакуваат малите држави на кои им недостасува моќ, „валутата“ во меѓународната политика.

Се разбира, во моментот кога една држава ќе ги добие безбедносните гаранции од големата сила, таа станува сојузник од кој се очекува да ја следи политиката на хегемонот.

Тоа е приказната за државите, кои, свесни за реалностите на моќта во меѓународните односи, во интерес на својата безбедност, сакаат да застанат под безбедносниот чадор на најмоќната земја во светот.

Надворешната политика на мала држава што ја остварила оваа цел е успешна. Во таа смисла, како и Македонија, и Украина посака да стане членка на НАТО и дел од Европската Унија и нема ништо нелогично во таа желба.

Но, приказната за односите меѓу големите нуклеарни сили е поинаква. Вистина, САД сакаа, согласно волјата на мнозинството Украинци, да ја направат Украина членка на НАТО, но со тоа и да ја направат дел од својата сфера на влијание преку која ќе ја проектира својата моќ кон Русија со цел да ја ослаби.

Кога почна војната, претседателот Бајден ќе изјави дека целта на Америка е да ја истошти руската економска моќ и да ја ослабне нејзината воена моќ за многу години однапред и во таа насока реши да преземе сѐ што е неопходно.

Во април 2022 година, согласно политиката на својот претседател, министерот за одбрана Лојд Остин ќе изјави дека американската политика во Украина е насочена кон слабеење и изолирање на Русија, лишувајќи ја од капацитетот да води агресивна војна во иднина.

НАЧЕЛО НА „САМОПОМОШ“

Бројни американски политичари беа уште поотворени кога тврдеа дека најисплатливо е кога Украинци гинат наместо Американци за да се ослабне ривалската голема сила.

Нема тука лицемерие зашто во ниту еден момент, Америка не вели дека целта ѝ е само да се заштити Украина или Украинците, туку отворено вели дека треба да се искористи нивната храброст за да се урне руската автократија, централната американска цел.

Што може да научи нашата држава од искуството со Украина? Основната лекција е дека сѐ уште важи начелото на „самопомош“ во меѓународните односи.

И покрај сојузот со голема сила, треба да се мисли и со своја глава. Анархичната структура на меѓународното општество на држави ги принудува државите да се стремат кон остварувањето на своите интереси, од кои примарниот е нивната безбедност.

Но, истата логика важи и за Америка визави ривалите, како што се Русија или Кина.

Безбедноста ѝ налага на Америка политика што е посветена на слабеење на ривалските големи сили, но и обратно, се разбира. Русија или Кина не би пропуштиле шанса да ја ослабнат американската моќ.

Во таа смисла, шансата да се ослабне Русија, која Украина ѝ ја пружи на Америка, беше од најголем интерес за неа.

Но, Украина мораше да мисли и со своја глава. Се разбира дека сите сакаат да го имаат безбедносниот чадор на Америка и на НАТО врз своите глави.

Во некои минати времиња, дури и Русија размислуваше да му се придружи на НАТО. Но, некогаш тоа едноставно не е можно во меѓународната политика или можеби е можно, но по страшна цена.

Имено, епилогот, засега, од таа катастрофална грешка, не само на Америка, туку и на Украина, се 500.000 Украинци загинати на фронтовите, преку 6 милиони пребегнати на Запад, над 2 милиони пребегнати во Русија, 8 милиони избркани од домовите што се во Украина.

Накусо речено, триесетмилионска Украина загуби една третина од своето население. Инфраструктурата, индустријата, градовите, економијата се уништени. Како што е вообичаено во војна, корупцијата е страшна, а демократијата во која се забранети сите опозициски партии е уништена.

Во истиот контекст на „самопомош“ е и лекцијата за правата на малцинските заедници во етнички сложени држави.

Киев никогаш не отстапи од идејата за создавање чист украински национален идентитет од кој ќе бидат исклучени рускиот јазик, култура и религиозни авторитети.

Украина сакаше да ги потчини луѓето од руското говорно подрачје, кои се кренаа на бунт против насилната асимилација, за потоа да почне да „тече“ оружје и борци преку руско-украинската граница.

Но, не биле само Русите дискриминирани. Неодамна Орбан рече дека нема да поддржи натамошна воена помош на Украина доколку не се почитуваат правата на околу 150.000 Унгарци на употреба на својот јазик, како што било по стариот Устав.

ПОГРЕШНИ ПРОЦЕНКИ

Настаните таму се само потврда дека на домашен план, Македонија успешно го положила испитот за рамноправност меѓу заедниците, испит на кој падна Украина. На меѓународен план, лекциите од Украина за Македонија се дека треба да градиме пријателски односи со сите соседи.

Ние, како мала земја не загрозуваме никого и со една умна надворешна политика како рефлексија на внатрешната политика на рамноправност на народите, може да станеме европски модел во срцето на Балканот, мост меѓу бившите југословенски народи и Бугарија, Албанија и Грција.

Но, тоа се прави со почитување на меѓународните договори на претходни влади, пракса во сите демократски земји. Така треба да биде и со Преспанскиот со Грција и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Ни стана лоша навика да чекаме други да ни ги решаваат споровите. Во тоа чекање може да настрадаме баш како што настрада Украина.

Зашто ако ја препуштите судбината на својата држава на големите сили, ама баш во сѐ, и ако предизвикате конфликт, ризикувате да завршите како Украина, во една какафонија на противречни интереси и погрешни проценки.

Како во кажувањето на американскиот амбасадор Час Фримен. Експанзијата на НАТО е легитимна, ама и провокативна. Рускиот одговор беше сосема предвидлив.

Тој е нелегален и се покажа како одговор со преголема цена за сите. Наместо интеграција во НАТО резултат е уништување на Украина. Американците сметаа дека заканата со војна е блеф.

Русија претпостави дека САД ќе сакаат преговори место војна и ќе стори сѐ да не дојде до поделба на Европа на непријателски блокови.

Украинците сметаа дека Западот, по секоја цена, ќе ја заштити нивната земја. По првите успеси, Западот предвиде дека Украина ќе победи. Сите овие прогнози се покажаа како погрешни.

Она што е загубено на бојното поле и во срцата на луѓето не може да се врати на преговарачката маса. Осакатена во војна, Украина завршува со изгубени територии со драстично намалена популација.

Сега нема реалистична надеж за членство во НАТО. На крајот, Украина ќе мора да седне на маса и да потпише мир главно врз руски услови.

Украина во НАТО во овој момент значи војна со Русија, па затоа Столтенберг ќе изјави дека предуслов за членство на Украина во НАТО е мировен договор со Русија.

Не е на повидок таков мировен договор. Ова не беше добра војна за Украина. Вашингтон и Западот ја искористија храброста на Украинците за да се пресметаат со Русија.

Украинците требаше да знаат подобро. Имено, дека САД и европските сили никогаш нема да влезат во нуклеарна војна заради Украина.

Поврзани новости