Делови од фасада паднати на земја, скршени дрвја, оштетени кровови се само дел од штетите предизвикани од силниот ветер што вчера го зафати главниот град, но и целата земја, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Поради силниот ветер што го зафати подрачјето на град Скопје во текот на вчерашниот ден до единствениот број за итни повици 112 добиени се пријави за паднати дрвја на шест локации во градот, како и еден случај на падната канделабра“ – се вели во соопштението на ЦУК.
Во четири од овие случаи, како што додаваат оттаму има пријави за оштетени автомобили.
„Исто така има пријави и за оштетена куќа и оштетени кровови од куќа и од зграда“ – наведуваат од ЦУК.
За сите овие случаи известени се надлежните институции.
Силниот ветер што вчера ја зафатил и Струмица предизвикал штети и во овој град, каде според ЦУК имало пријави за паднати лимени кровови на три локации, како и четири случаи на паднати дрвја.
„Во сите случаи интервенирале пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Струмица“ – велат од Центарот за управување со кризи.
Во соопштението на ЦУК нема информации за повредени лица.
Од ЦУК информираат дека вчера на бројот 112 регистрирани се вкупно 1.593 повици.