Професорката, Гордана Силјановска, која изгуби на претседателските избори од нејзиниот противкандидат, Стево Пендаровски, вели дека за неа гласале околу 100.000 Македонци повеќе отколку за консензуалниот кандидат на СДСМ и ДУИ.
-Моите бројки покажуваат дека за мене гласале повеќе од 100.000 Македонци од противкандидатот, тоа не не води кон обединување туку поделба – рече Силјановска во интервју за „Алфа ТВ“, зборувајќи за поделбите меѓу гласачите Македонци и Албанци.
Таа раскажува и што прво помислила која пребројувањето на гласовите покажало извесна победа за Пендаровски.
-Очекував одлука од самите граѓани, во што и јас длабоко верував и се повикував, дека не им се обраќам на партиите, иако Македонија живее време на партитократија, а не демократија. Пред крајот на затворањето на гласањето заклучокот ми беше дека сепак македонскиот свет не се сменил, дека во последните неколку саати одлуката ја донеле партиите, а не граѓаните. Нелогично е над 90 отсто луѓе во една општина, во која претходно гласале за Река, сега одеднаш да го сменат мислењето. Очекував промени, не е сменет начинот на одлучувањето, мислам дека во таквиот начин на гласање имаше удел и зборот на религиозни лидери, што е уште почудно за една секуларна држава – рече таа.