Ние ќе ги отвориме прашањата врзани за кризата на демократијата и владеењето на правото и ќе понудиме системски решенија за обнова, преку формално правни и институционални решенија во сите сфери и дејности, вели универзитетската професорка и носителка на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица Гордана Силјановска-Давкова, во мини-интервју за најновиот број на неделникот Фокус. Таа, меѓу другото, говори дека се залага за промена на изборниот модел во правец на отворање можност за персонален, а не само за партиски избор, и дека претпочита почитување на изборниот резултат при формирање на влада, дури и во форма на малцинска влада. Според неа, потребна е и промена на законската регулатива во делот на медиумско претставување во функција на, како што посочува, еднаквост на шансите на учесниците во изборниот натпревар.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите генерално и особено во рамки на првата изборна единица, каде ја предводите листата со кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Очекувам победа на ВМРО-ДПМНЕ на државно ниво и во првата изборна единица. На што го темелам „големото“ очекување? Прво, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, дури и по десантот со политички бомби и Шарената опозициско-невладина револуција, сепак победи на изборите во 2016 година, со 454.577 освоени гласови и добиени 51 пратенички мандат, наспроти СДС, коалиционите партнери и дел од невладините актери, со освоени 436.981 гласови и 49 пратенички места! Но, ја изгуби (не)парламентарната битка за апсолутно мнозинство, потребно за формирање Влада. Причина? Несогласувањето со трговијата со непазарани добра и вредности, прифатена од СДС, наспроти програмските определби, дознаваме од Артан Груби. Зоран Заев склучи Фаустовски договор, чија колатерална штета се името, историјата, националниот идентитет, јазикот.
Што се однесува до првата изборна единица, во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата доби 72.842( 33,44 отсто) гласови, а СДС, со помош на на гласовите на албанските гласачи освои 92.247 (42,35 отсто), што му обезбеди победа, со разлика од 19.405 гласа. Второ, ако се следи изборното поведение на гласачите на претседателските избори, мојот резултат (55.109) гласови, во однос на оној на Стево Пендаровски (62.595), покажува редуцирање на разликата на 7.486 гласа, што говори за тенденција на пад на довербата на гласачите кон СДС. Граѓаните не живеат во вакуум, ниту во замислена иднина, туку тука и сега.
ФОКУС Сметате ли дека овој пад е континуиран и продолжил после претседателските избори?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Една година потоа, Македонија е синоним за хибридна држава, потоната во ендемска корупција и криминал од пандемиски размери. Да, влеговме во НАТО, но и Турција и Алабанија се во НАТО, а демократијата е далеку од нив. Да, очекуваме датум, ама го нема. Па, дури и да се појави, на патот не чекаат фрлените антиевропски балвани од соседството, за кои нема отворена осуда од Брисел. Трето, пред избори сме. Кандидатските листи се обзнанети. Верувам дека на овие избори, граѓаните ќе бидат покритички кон партиите и ќе се фокусираат и на личностите, особено на носителите на листите. Исто така, сигурна сум дека со поотворени очи, поизострен вид и покритичен ум, ќе се однесуваат кон програмите и пораките и кандидатите. Грдата реалност турка кон промени што не може да се очекуваат од оној и оние кои ја создале со (не)чинење во сите области.
ФОКУС Во последните изборни циклуси се забележува тренд најголемите партии во првата изборна единица, која главно го опфаќа урбаното јадро од Скопје, да кандидираат непартиски или натпартиски личности. Како го толкувате тоа?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Кризата на репрезентативната демократија е неразделна од кризата на политичките партии, како мост меѓу граѓаните и нивните претставници. Партиските мостови не се романтични како мостовите на Медисон. На дело е „железниот закон на олигархијата ( Михелс):„велиш партија, кажуваш олигархиска машинерија“. Се покажа дека и „буревесникот“ СДС не ги адресираше интересите на граѓаните и симпатизерите, туку на партиската елитата и на олигарсите. Свесни за тоа, партиите предлагаат непартиски или натпартиски личности. Но, сиромашната „непартиска“ практика, открива политичка мимикрија/камелеонство кај (не)партиските кандидати, како и патронажен феномен кај предлагачот. Не можете да бидете 102 отсто согласни со „ султанот“, а да останете независен, не можете да ја дисциплинирате и потчините непартиската личност, а да бидете демократски лидер. Значи, предлагањето непартиски или натпартиски кандидати понекогаш е партиска манипулација, но може да биде и чин на демократизација на кандидирањето. Обата случаи се видени кај нас. Време е за обнова на демократскиот дух на членот 62, став 3, според кој:„пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување“. Собранието мора да стане политички дом на граѓаните, а не сепартиски клуб.
Првата изборна единица, како најурбана средина, персонифицира освестено, информирано, критичко, непослушно, партиски неподаничко граѓанство, кое самостојно ја цени и проценува политичката понуда, без да следи партиски диктати. Ова се виде од оставката на претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева, како израз на слободоумност и интелектуална непослушност. Се залагам за промена на изборниот модел во правец на отворање можност за персонален, а не само за партиски избор.
ФОКУС Кои се главните фактори што сметате дека ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Што, според Вас, ќе биде пресудно при формирање на новата влада – постигнатиот резултат, компатибилноста на програмите, политичките компромиси…?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Претпочитам почитување на изборниот резултат, па дури и во форма на малцинска влада. За жал, иако компатибилноста на програмите, односно идеолошката блискост е гаранција за добри политики, нашите коалициите, како резултат на дезидеологизацијата и партиите врз етнички клуч, се обид за мешање на вода и масло, па царува пазарната политика. Време е за исчекор во духот на европските демократски практики, кој тешко се гради и негува во услови на проблематични уставни решенија.
Што се однесува до гласачкото поведение, очекувам актуелната економска состојба да биде важна детерминанта на однесувањето на граѓаните во изборниот процес, во смисла на момент на санкционирање/наградување на партијата на власт за лошиот или добар живот, низ призма на (не) вработеноста, платата, материјалниот статус. Токму затоа, Владата „се сети и сврте“ кон народот во предизборието, (зло)употребувајќи ја Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, преку членот 7, според кој:„од денот на стапување во сила на уредбата до денот на престанокот на истата не се применуваат членовите: 8-а, 75-г, 75-д и 84- а од Изборниот законик“ и членот 8, со кој за истиот период се суспендира членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, посегајќи по арбитрерни вработувања, покачување на платите, доделувања на субвенции, концесии, еднократна помош, ваучери, глумејќи социјална држава. Исто така, се фрли ударнички на градење инфраструктурни и други објекти. Во суштина, отвори широк простор за поткуп и корупција, но роди и сомнеж за злоупотреба на привилегираниот статус за изборни цели. Диригирајќи со повеќекратното утврдување на вонредната состојба од страна на „натпартискиот“ претседател, власта се обидуваше да го темпира денот на изборите.
Се разбира, очекувам на овие избори, фактор на влијание врз гласањето да бидат и програмите, во поголем степен од претходно, заради регистрираниот феномен на целосно напуштање на програмските определби на СДС во реалноста! Не е за занемарување и важноста на „личноста на лидерите“ како фактор со посебна тежина во патронажен и партитократски систем како како нашиот. Разликата, во случајов е еклатантна во секој поглед.
ФОКУС Како ја оценувате улогата на медиумите во овој контекст?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Во услови на видеократија, врз определбата на гласачите во голема мерка ќе влијаат медиумите, кои се не само краткорочен фактор, туку и долгорочен во зависност од (не)зависната уредничка политика, по мерка на финансиерот, изразена во (не)пристрасното (дез)информирање. Сведоци сме на „окупација во 26 слики“ на екраните од претставниците и подржувачите на власта. Време е за промена на законската регулатива во функција на еднаквост на шансите на учесниците во изборниот натпревар.
Исто така, и истражувањата на јавното мислење, во зависност од (не)стручниот и (не)зависниот профил на носителот може да имаат усмерувачко или дезориентирачко влијание. Влијанието на гореспоменатите фактори, се разбира, мора да се лоцира во актуелното македонско социолошко, психолошко, економско и здравствено опкружување, во услови на Ковид 19, како и идентификуваниот модел на гласање. Во очекување на зголемена апстиненција, оние на власт се во привилегирана положба секаде, па и контролните механизми треба да се појаки.
ФОКУС Дали очекувате дека ВМРО-ДПМНЕ, односно предизборната коалиција што ја предводи партијата, ќе успее да го повтори или зголеми резултатот што Вие го постигнавте на последните претседателски избори?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА Очекувам не само да го повтори, туку и да го надмине резултатот од 2016 година на ниво на држава, како резултат на реформската програма и реформскиот профил на кандидатите, меѓу кои има тројца независни, од кои двајца се носители на листи (Игор Дурловски и јас), две жени се носителки на листи (Дафина Стојановска во „шестката“ и јас), родовата избалансираност на кандидатските листи, во функција на скандинавската храброст за Влада со 40 отсто жени, како и заложбата за висока компетентност при селекцијата на министри.
ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други теми, и кои би биле тие?
СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА (Не)успешното менаџирање на здравствената криза е тест за демократскиот капацитет и имунитет на државата и сигурно ќе биде важна тема за дебата. Економијата, се разбира, била и ќе биде топ изборна тема. Но, водени од Програмата, ние ќе ги отвориме прашањата врзани за кризата на демократијата и владеењето на правото и ќе понудиме системски решенија за обнова, преку формално правни и институционални решенија во сите сфери и дејности. Мора да се исправи Македонија на нозе во национална, еколошка, здравствена, културна, научна, образовна и социјална смисла, за да стане правна, пристојна, компатибилна Европска држава, наместо опасна, црвена точка, која сите ја одбегнуваат. Ако не очекува иднина пропратена со вируси, мора да имаме поздрава демократска држава, водена од грижливи и одговорни градинари.
Целата сторија во која се обработуваат првата и втората изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.