Силјановска: Визијата и програмата ќе ги темелам на нешто што досега го немало

by fokus

Професорката Гордана Силјановска Давкова денеска го презентираше својот план пред членовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, со што го означи почетокот на нејзината внатрепартиска кампања за претседателски кандидат.

-Сакам да ги убедам и нив, како и сите граѓани дека натпартиски кандидат е одлична идеја, која ќе делува обединувачки за сите. Визијата и програмата ќе ја темелам на нешто што досега го немало, на нешта што се однесуваат не само на статусот на претседателот и на надлежностите што ги има, туку на поделбите на власта воопшто, која е страшно нарушена во моментов. Без поделба на власт не може да има демократија, нема кочници, не може да има ни правна држава. Тоа кај нас го нема. Претседателот е целосно суспендиран во одлучувањето, дури и во надлежностите што се исклучиво загарантирани за него во меѓународната политика, вели Силјановска.

Таа не сакаше конкретно да одговори кој ќе биде нејзиниот став за Преспанскиот договор и за Законот за јазиците.

-Кога се работи за ставовите, мора да бидеме свесни дека јас сум професор по уставно право, јас сум Јанус две лица: едното е научното, од тоа не отстапувам и јас кога критикувам, тргнувам од професијата. Се разбира дека политиката бара повеќе реалност, но мислам дека некогаш не треба да се прават компромиси на штета на владеењето на правото, одговори Силјановска.

Поврзани новости