Гордана Силјановска Давкова, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, вечерва го призна изборниот пораз, но истакна и дека не се кае што учествувала во изборната трка.
-Бројките говорат за пораз, но јас никогаш не сум се чуствувала посмирено и поисплнето. Од срце ви благодарам на сите, зошто за некој кој не е член на партијата да може толку многу да се зближи со членовите, со симпатизерите, но најмногу со граѓаните.
Ние жените обично кај другите жени забележуваме се, па затоа од други и слушам дека сум се подмладила. Тоа е токму заради граѓаните. Јас не знаев дека директните средби со нив, ако им се обраќам ним, ако им понудам визија, ќе можам да помогнам во градењето на демократијата која ја нема, и добив неверојатна енергија, и верувале или не, тоа ме подмлади. И јас сум неверојатно благодарна за оваа ретка прилика.
Денешниот ден ми личеше на Вивалди, на Четирите годишни времиња. Утрото почна со дожд, а мислев дека на крајот дека ќе заврши како пролет. Сепак заврши како пролет за другите, за победниците, ама за мене верувајте не е зима. Да добоиете 370.000 гласови е гордост и да станете позната по улиците како Гога е ново. А да не говорам дека за две недели да добиете над 50.000 гласови разговарајќи со луѓе е голема инспирација за мене.
Знам дека победи противкандидатот, но не мислам дека јас не ја загубив битката.
Некој може да помисли дека наивно влегов после три децении во политиката, не не е така. Политиката има логика ако се перцепира како уметност на можното, да повикувате на граѓаните и на нивните потреби и да нудите решенија. Се обидов да го направам тоа. Политиката во Македонија се уште не е уметност, се уште е во рацете на партиите, тие всушност одлучуваат кај кого ќе отидат гласовите, а не самите граѓани. Можете да речете дека сум цинична, но ако го погледнете контигентот на гласовите кои се пренесоа во вториот круг, ќе ви биде јасно.
Резултатот е јасен, но прашањето е дали ваквиот резултат, спореден со резултатот на победениот, во случајот јас, дали води кон помирување и обединување или значи една поделба, по повеќе основи. Поделба која има карактер на интраетничка поделба и дали синтагмата заедно одиме напред навистина го ветува тоа. Треба добро да се размисли.
Не се срамам што учествував зошто се обидов да внесам еден поинаков говор, да го кренам нивото на дебатата, да бидам своја, да не заборавам на етиката. Тоа беше неминовно зошто мотото на мојата кампања беше правда и правдина. Ова е најпрестижната политичка школа, зошто мнозина кои ги запознав, без разлика дали се млади луѓе, странци, велат дека по овие избори ништо веќе нема да биде исто, рече вечерва Силјановска.