-Не се работи за тоа дали сакаме или не да го менуваме Уставот. Нас не не избира меѓународната заедница, нас не избира народот, а ние не напишавме во програмата на избори дека ќе го менуваме Уставот. Но, власта не верува во теорија на мандат и второ последна година пред избори не се менува Устав, ниту Казнен законик, изјави професорката Гордана Силјановска Давкова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостување на ТВ Алфа.
Таа рече дека за време на средбите со претставниците на меѓународната заедница им кажуваат како стојат работите и ги потсетуваат на основите на правото.
-Многу сакам да живеам во држави како нивните, како на претсавниците на меѓународната заедница. Тие ги имаат одредбите од нормите на ЕУ, Повелбата на фундаменталните права кон која пристапиле како ЕУ, исто така и кон Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства. Е сега има пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои се директно применливи, но тоа не е случај во Бугарија. Од Бугарија никој не бара да ги почитува. А идејата за ЕУ е идеја за единство на различностите, идеја за владеење на правото, рече Силјановска.
Според неа оваа власт се делегитимира себе си, а еЕвропа сака да напише дека решиле проблем, бидејќи и во ЕУ ќе има избори.
-Сега нам ни се става во преговарачка рамка од која извираат прашања кои и даваат право на Бугарија да не попречува постојано. Таа бајка со возови заминување, качување некако не поминува и затоа велам ако се изразуваме со јазикот на комуникациите тогаш патот до Брисел води преку Копенхагеншките критериуми, а ние со тоа имаме проблем немаме владеење на право, туку владеење на поединци, кажа Силјановска.
За одлуката на собранискиот спикер Талат Џафери да ја прекине седницата на која требаше да се гласа за потреба на промена на Уставот, Силјановска рече дека ги прекршува сите правила.
-Точно е дефинирано кога и како се гласа во првата фаза за промена на Уставот. Не е согласно правото ваквото одложување, изјави Силјановска.