Очигледно е дека претседателката Гордана Силјановска попушти пред партиските притисоци, реагира досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, соопштувајќи дека е разрешен од директорската позиција во АР.
Муслиу вели дека нема да навлегува во политичката логика и автономија при носењето на ваквата одлука од страна на шефицата на државата, но, како што пишува во реакцијата, во случајот со неговото разрешување отсустуваат законската оправданост и мерит-системот за кој оценува дека претседателката зборува постојано.
-Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот – реагира Муслиу.
Во неговата реакција, тој, меѓу другото, го истакнува фактот дека е првиот етнички Албанец кому во 2019 година му била доверена задачата да раководи со Агенцијата за разузнавање во земјава и додава дека вложил натчовечки напори за да го подигне нивото на квалитетна работа во Агенцијата.
Претходно, од кабинетот на претседателката Силјановска информираа дека досегашниот директор на Агенцијата Муслиу и заменик-директорката Александра Бакреска-Додовска се разрешени од функциите, а на нивно место се именувани Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска.