Силјановска: Пендаровски не може да ме види заради реките народ кога сум долу

by fokus

Стево Пендаровски секој ден тврди дека ме немало никаде и дека ме заменил господинот Христијан Мицкоски. Знаете ли зошто не може да ме види? Заради реките народ кога сум долу, а кога сум горе, тука на говорницата, не сака да ме види затоа што не сака да ме слуша оти сè што тој не кажува, јас кажувам, сè што тој не направил, бидете сигурни, дека ќе направам, рече кандидатката за претседател предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова од митинг во Радовиш.

-Веројатно забележувате дека мојот противкандидат, господинот Стево Пендаровски, делува како да не е тој туку како да има двојник. Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа? Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет. Од такви луѓе не можете да очекувате да ги штитат гордоста, односно националните интереси на Македонија, рече Силјановска.

Силјановска Давкова ги замоли присутните да се потсетат по што го памтат Стево Пендаровски како пратеник во Собранието: „Дали Ве воодушеви со некој став, со некој говор, со некоја порака со некоја одважност? Јас, на прашањето дали може да посочам три одлуки на Пендаровски кои се добри, се стаписав. И мислев, мислев, мислев, што е нешто најважно што сторил и се сетив. Кога рече ,не’ за преговарачката рамка, ама тоа не траеше ни неколку часа, а потоа самиот се сети и се поправи, исплашен дека ќе го искараат, и рече дека тој учествувал во нејзиното создавање. Ако над 65% од граѓаните се против тоа, како тогаш човекот може да биде горд на нешто од што се срамите Вие, ние и сите.“

 

Поврзани новости