Силјановска: Лично на Бедри Фазли му образложив дека гласав „против“ од легалистички причини

by Фокус

Не гласав ниту против Бедри Фазли, ниту против граѓаните, туку против флагрантното кршење на Деловникот на Собранието, реагира пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, откако СДСМ ја обвини дека со гласањето против направила скандалозен преседен спротивен на демократската волја на граѓаните.

Имено, членот 17 од Деловникот гласи: „Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница, врз основа на Извештајот на Државната изборна комисија, а на предлог од КОМИСИЈАТА ЗА ДЕЛОВНИЧКИ И МАНДАТНО-ИМУНИТЕТСКИ ПРАШАЊА“. Очигледно е дека некој „заборави“, односно ПРЕВИДЕ дека Извештајот дојде од НЕНАДЛЕЖНА КОМИСИЈА, односно од Верификационата, чиј мандат заврши на КОНСТИТУТИВНАТА СЕДИЦА, наместо од КОМИСИЈАТА ЗА ДЕЛОВНИЧКИ И МАНДАТНО- ИМУНИТЕТСКИ ПРАШАЊА, која што, за жал, се уште не е формирана. САМО ТАА е надлежна да му предложи на Собранието верификација на мандатот на пратеникот од листата на кандидати за ОСТАТОКОТ ОД МАНДАТОТ“, стои во нејзината реакција.

Таа истакнува дека гласала „ против“ верификацијата на мандатот и стекнувањето статус на пратеник на Фазли од легалистички, а не од националистички причини.

„Јас, впрочем, во канцеларијата на ДУИ, лично, на Бедри Фазли, пред пратениците на ДУИ, му ги образложив причините за мојот СТАВ и однесување, а на следната собраниска седница и ЈАВНО, од собраниската говорница МУ СЕ ИЗВИНИВ што е, без никаква вина, засегнат, потенцирајќи дека сум против БЕСПРАВНОТО постапување, односно КРШЕЊЕТО НА ДЕЛОВНИКОТ од владеачката коалиција, а не против неговиот избор. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се воздржа од гласање во овој случај, а патем побара одлагање на сите следни верификации на мандатите на пратениците кои што треба да дојдат на местото на оние чии оставки следат, до формирањето на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, но и по ЛОГИЧНАТА РЕАКЦИЈА на Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција за неуставноста и незаконитоста на фузијата на пратеничката и министерската функција кај определени личности!“, вели Силјановска.

Поврзани новости