Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вели дека ако биде избрана ќе води скандинавска политика кон соседите.
Според неа, оваа политика значи меѓусебен поддржувачки однос, по примерот на Шведска, Финска и Данска, кои им помогнале на Летонија, Естонија и на Литванија на нивниот пат кон демократизацијата, иако, како што рече, тие биле во полоша стартна позиција од земјите на поранешна Југославија.
-Ако не се обединиме и поддржуваме регионално, не можеме да очекуваме поддршка од другите држави – рече таа на Трилинг, додавајќи дека првата посета како претседател би ја остварила на Хрватска или Словенија.
Прашана дали би го поканила на средба претседателот на Бугарија Румен Радев, таа одговори дека би разговарала со него бидејќи не може да се избега од географијата и од геополитиката.
-Се разбира дека ќе разговарам за сѐ. За да ве почитува некој, треба да му дадете пример. Се разбира дека треба во Бугарија да имате пријатели кои ве ценат за да покажете дека знаете вистински пат да одберете. Ако јас сум објавила книги со Бугарија, ако во Венецијанска комисија сум се дружела со почит со колеги од Бугарија, ќе кажам дека е логично и во политиката наместо најпрагматничната формула кој, кога и како добива врзана само за моќ, можеме да посегнеме и по други перцепции на политиката како уметност на постигање на можноста, како потрага по согласност, по компромис. Како јавна, а не олигархиска работа. Сѐ е тоа во игра – рече Силјановска.
Во врска со уставните измени, таа рече дека не може да одговори кога би се спровеле и посочи дека нашата држава во последниве 30 години направила многу измени на Уставот, но тие не се однесувале на уставниот поредок и на демократијата, туку доаѓале однадвор.
-Договорот за добрососедство и пријателство го крши Бугарија, а не ние. Фатален е односот дека вето ни стои над главата. Потребни се гаранции од соседот како доказ за пријателство и добрососедство – истакна таа.