Силјановска и Пендаровски се сијамски близнаци, а Димитриевски е „тројански коњ“, вели Ванковска

by fokus

Мојата противкандидатка е постојано фаворизирана како иден претседател, а што ни нуди мојата колешка? Внесување на Бугарите во Устав со одложено дејство. Тоа е исто како да ви кажат, „ама вас нема да ве боли, ќе ги боли вашите деца“. Втор го фаворизираат Стево, кој се фали дека направил добра работа што не внел во НАТО, а што добро направил со тоа, освен да плаќаме за милитаризација. Сето ова што тие го нудат е сосема различно од мојата програма. Ние мора сите нив да ги расчистиме бидејќи се сијамски близнаци, рече кандидатката за претседател на Левица Билјана Ванковска.

Таа изборната програма ја презентираше пред граѓаните, на митинг во Кавадарци. На присутните им посочи зошто би била подобра од нејзините противкандидати. Како што рече, прво е, затоа што има програма. За Максим Димитриевски истакна дека е ставен да биде „тројански коњ“, да земе дел од гласачкото тело на СДСМ.

– Тој нема платформа, нема идеологија. Со него СДСМ треба да се препакуваат за да ја избегнат пасокизацијата. Стефчо е од типот „не ме гледај што работам, слушај ме што зборувам, истакна Ванковска.

Бујар, како што рече, е една чудна ѕверка која размислува дали да се кандидира за европски претседател или да се кандидирал за генерален секретар на НАТО. – Неговиот трик за да не замолчи со критиките кон ДУИ и тоа да го нарече албанофобија, е само трик. Ние не сме албанофоби. Јас сакам да бидам претседател на сите граѓани. Нема веќе делење. Сите деца ни отидоа затоа што овде веќе не им се живее, нагласи Ванковска.

Според неа, за Таравари нема ни што многу да се зборува затоа што, како што рече, тој својата кампања ќе ја водел во дијаспората, а со тоа тој веќе не ги удостојувал ни своите гласачи овде во Македонија.

– Јас ви ветувам дека 24 ќе го дочекам достоинствено, спокојно, мирно. Јас имам идеја, идеологија, меѓутоа битката ќе биде долга. А, дека ќе победиме, секако ќе победиме. Гледам дека „баукот“ на Левица се уште ги плаши луѓето иако интимно ја сакаат. Ние чекориме незапирливо. Црбвениот бран, цунамито, надоаѓа и нека му ја мислат. Ќе победиме, подвлече таа од Кавадарци.

Од митингот беа испратени пораки за правда и рамноправност, за едно поправедно општество и подобра иднина.

Пред присутните во Домот на културата се обрати и Сашко Јанчев, носител на листа за пратеници од оваа партија во четвртата изборна единица.

 

Поврзани новости