Силјановска и Каракамишева не откриваат дали би ја прифатиле кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ за претседател

by fokus

Професорките Гордана Силјановска и Тања Каракамишева не ги коментираат шпекулациите дека се на врвот на листата на ВМРО-ДПМНЕ за потенцијални кандидати за претседател на државата. Според непотврдени информации имињата на овие професорки се нашле на анкетата која ја спроведува партијата во пресрет на конвенцијата на кој ќе се бира претседателскиот кандидат.

Силјановска вели дека воопшто не била консултирана за ова и дека со неа не е разговарано на оваа тема. Шпекулациите ги нарече несериозни. На прашањето дали би прифатила кандидатура од ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска за „Фокус“ рече дека не размислувала за тоа.

Иако изборите треба да се одржат за четири месеци, Каракамишева, пак, вели дека тоа прашање се уште не е во фокусот.

-Се уште е рано за одговор, фокусот треба да биде на поголемите проблеми со кои се соочува државата – порачува таа.

Она што е сигурно е дека кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде жена, иако во игра се и имиња на мажи. Освен Силјановска и Каракамишева, се шпекулира дека амбиции за оваа функција има и поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Како што претходно соопштија од ВМРО-ДПМНЕ конвенцијата за претставувањето на кандидатите ќе се одржи на 16 февруари 2019 година, а најдоцна до 11 јануари ќе биде објавен огласот за пријавување на кандидати.

Од Фракцијата на ВМРО ДПМНЕ велат со бирањето на претседателски кандидат преку оглас, Мицкоски му го задава последниот удар врз традиционалното ВМРО ДПМНЕ.

-Калкултантските, непринципиелните и погубни политики на актуелното раководството на ДПМНЕ по се изгледа свое финале ќе добијат со претседателските избори. Се погласните информации од членови на најтесното партиско раководство на партијата, за можни кандидати на ВМРО ДПМНЕ на претседателските избори главно членови на поранешната Демократска Алтернатива, Демократската, Либералната и Социјалистичката партија, го исфрла на виделина сценарио за згаснување и заминување во историјата на ВМРО ДПМНЕ – велат од Фракцијата.

Претходно професорот Јове Кекеновски предложи опозицијата да се обедини по ова прашање и да предложи еден кандидат за претседател.

Поврзани новости