Откако актуелната владејачка партија на Албанците, ДУИ, побара јавно од ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дека е против Русија, а кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова ја нарекоа „русконосталгична кандидатка“, таа одговори на прозивките.
„Како е можно по децениска образовна, научна и експертска активност во најпрестижните европски институции и десетици академски трудови објавени во западноевропските списанија и книги, една марксистичко-сталинистичко-енверистичката партија, која не е примена во ниту едно партиско семејство во Европскиот парламент, да ме напаѓа и обвинува за русофилија и путинизам“, пишува Силјановска.
ДУИ: Давкова е русконосталгична кандидатка со путинистички ставови
Според неа, ДУИ ја проектира сопствената фрустрација кај другите.
„Партијата, којашто 22 години е на власт, од кои 16 непрекинато на Илинденска, сега, фројдовски ја проектира сопствената фрустрација на други. Ноторен факт е дека токму ДУИ во своето соопштение, признава дека овозможила сериозно руско влијание во Македонија. За среќа, веќе триесет години мој професионален дом е најстарата европска институција, Советот на Европа“, истакна таа.