Силјановска Давкова: Сакам да живеам во една пристојна, досадна држава во која ќе има исти принципи како во Брисел

by Fokus

Кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова во интервју за Радио Слободна Европа вели дека сака да живее во една пристојна, досадна држава во која ќе има исти принципи како во Брисел или било каде на друго место.

На прашање кога последен пат Македонија била горда, вели „Гордоста не може да се врзе со последен пат, бидејќи стекнувањето гордост е процес. Процесот трае низ сите три Илиндени. Кога велам повторно горда, мислам на она што се случуваше во последниот мандат. Тогаш целосно ја изгубивме гордоста. 80 години подоцна, се што беше запишано во АСНОМ го нема или е деформирано. Втората причина е состојбата во која се наоѓаме, сиромаштијата, ниските плати, најнесреќен народ, цикличен хибриден режим, граѓани кои протестираат, влада која секој месец ги менуваше министрите, измените на Кривичниот законик, зависното судство… Наместо главна корекција или бранител или гарант, Судскиот совет тоа не е, туку е фактор на политизација и партизација“.

На прашање што доколку се случат уставните измени во нејзиниот можен мандат како претседател, вели „Невозможно. Тоа е неуставно. Деловникот пропишува долга постапка за уставни измени. Второ, ќе се распушти овој Парламент. Невозможно е да носи уставни измени рапсуштен парламент без легитимитет. Венецијанската комисија вели дека во последните 6 месеци не смее да се менува дури ни изборно законодавство, а не пак Устав“.

За спречувањето на корупцијата ќе каже:

„Обраќање пред Собранието, не еднаш во годината, туку повеќе пати. Едно од обраќањата ќе биде токму за неефикасната борба со корупцијата и криминалот. Понатаму преку употреба на ветото, тоа е механизам за спречување на корупција и криминал. Тоа може да се направи ако во Уставниот суд седат двајца најдобри претставници на предлог на претседателот. Тоа може да се направи ако во дипломатијата не одат луѓе кои на коруптивен начин, партиски, политизиран се одметнале да ја претставуваат Македонија. Ингеренциите за именување во безбедносните структури. Други спреги и кочници во однос на владата и се разбира самиот претседател со сопствениот пример“.

За обвинувањата за руски влијанија во Македонија, ставот на Силјановска Давкова е:

„Факт е дека Русија има овде геостратешки интереси. Но и да има овде политички актери некои, мислам дека се маргинални. Кога зборувам за политичкиот живот, за моделот, тој е еден. Затоа јас велам владеење на право и Копенхагенски критериуми. Се знае дека ние сме биле географски, историски, културно дел од Европа. Се знае дека ЕУ или Европската заедница не храбреше во распаѓањето на комунизмот. Јас очекував една стратегија за Западен Балкан бидејќи демократија се учи внатре. Не се оди во ЕУ на воз кон Брисел, туку овде сакам да ги препознаам тие стандардни. Значи, има геополитика, веројатно има влијанија, но мислам дека далеку од тоа Русија може да биде ефективна овде. Колкав е ризикот, не знам. Тоа треба да го каже сегашниот претседател во Советот за безбедност, бидејќи тие треба да ги имаат во предвид сите безбедносни дилеми од секаков вид. Меѓутоа, ако сме кредибилна членка на НАТО, тогаш имаме дел од заштитата. Точно е дека во близина се случи војна. Ние веднаш покажавме став, мислам дека на правата страна сме. Меѓутоа, ме вознемирува немирот во светот“.

Поврзани новости