Ние отсекогаш, историски, географски и културно сме биле дел од Европа и не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова, која се обрати на настанот „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“ што во организација на Европското движење во Македонија и претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, се одржа денеска, а по повод 9 Мај – Денот на Европа.
„За нас веќе реков дека се перцепираме како Европјани, а логично е ако се перцепирате како Европјани да бидете и третирани како Европјани. Третманот го гледам пред се низ призма, не на ЕУ реториката, туку на ЕУ логиката, во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, демократска политичка култура, нешто што обединува“, рече Сиљановска Давкова.
Не сакаше да ги коментира најавите за вето од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за евроинтеграција на земјата, но смета дека и ние и соседите може да се однесуваме поинаку. Предложи регионално да резонираме, регионално да соработуваме и регионално да се поддржуваме едни со други, по примерот на скандинавските земји.
„Јас не можам да го спречам во тоа. Точно е дека преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи. Јас мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да погледнеме, да фрлиме поглед врз културната дипломатија. Таму на поинаков начин ги решаваат проблемите. Мислам дека и ние со соседите би можеле, во пријателски дух, да се обидеме да се однесуваме на поинаков начин. И денеска тоа го кажав, малку да бидеме скандинавци“, рече претседателката Силјановска-Давкова.
Таа изрази очекување дека ЕУ нема да заборави на логиката и филозофијата на проширувањето, оти тоа докажува дека е незаменлива.