Силјановска Давкова: Ако бев Претседателка, сега ќе протестирав и марширав со специјализантите!

by Fokus

Сите ние, седумтемина претседателските кандидати, напишавме убави текстови за поддршка на специјализантите. Што се случи? Нели е сега министер за здравство некој од актуелната власт? Нели има кандидати за пратеници што се лекари? Зарем уште еднаш ќе дозволиме оние кои едвај ги чекаат надвор како непроценлив македонски подарок, лекари, млади специјализанти, да си заминат? Не! Што ќе направев јас ако бев во моментов претседателка? Ќе протестирав и ќе марширав со нив! И тоа ќе го правам! Со сите ранливи категории, секогаш кога ќе сакам да ја разбудам свеста!

Ова вечерва го изјави претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова од Гевгелија.

Таа рече „Не за да се правам важна или млада, туку за да покажам дека оние на клучните функции се таму заради заштита на јавниот интерес и јавното добро. А јавното добро мора да создава јавна вредност. Тие, специјализантите, создаваат непроценлива јавна вредност! Ги штитат нашите животи! Прават се што прават и другите лекари. Ама токму тие не уживаат здравствена и социјална заштита. Па, каква е таа социјална држава и каква е таа социјалдемократија што не води сметка за оние кои ни се најпотребни?“.

„Оти ние веќе се откажуваме од лекарите. А јас велам, одличен би бил еден здравствен туризам. Денеска сретнав еден професор од Оксфорд, мој пријател. Ми вели дека меѓудругото, доаѓа овде исто така и заради тоа што има одлични лекари во „8-ми Септември“. Просто, не верував! Сега замислете, ние да се откажеме од она што го вложила Македонија во овие луѓе и да им речеме: – Заминете си. Не! Останете уште малку, ве молам! Истрпете уште малку! Бидете убедени дека ништо нема да биде како досега по старо! Се ќе биде ново! Секаде каде што сум била, сум правела промени! Ќе правам и како претседателка!“ порача таа пред гевгеличани.

Поврзани новости