Силен земјотрес во Турција, најмалку 35 повредени

by fokus

Најмалку 35 лица се повредени кога утрово земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала ја погоди западна Турција, во близина на градот Дузча, соопштија Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) и турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.

Според EMSC, земјотресот се случил на длабочина од два километри.

Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа на Твитер објави дека 35 лица се повредени во Дузча и околните провинции.

Засега нема извештаи за жртви или значителна материјална штета, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Тој додаде дека за време на земјотресот имало прекин на електричната енергија, но се работи на обновување на снабдувањето со електрична енергија.

Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби го измери земјотресот со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала и соопшти дека епицентарот бил во Гољак, област во северозападната провинција Дузчa.

Турските медиуми јавија дека земјотресот бил почувствуван и во Истанбул и Анкара.

Поврзани новости