Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Турција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Во соопштението се наведува дека земјотресот бил на длабочина од 10 километри, пренесе Ројтерс.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека се ангажирани сите екипи на АФАД и другите институции.
„Сите тимови на АФАД и релевантните институции почнаа да го скенираат теренот по земјотресот со јачина од 5,2 степени во областа Баталгази, кој беше почувствуван и во околните провинции“, напиша тој на платформата Х.
Тој изјави дека засега нема пријавени жртви или материјална штета, а надлежните служби „внимателно ја следат состојбата“.
Според турските медиуми, земјотресот бил почувствуван и во Газиантеп, Кахраманмарас, Шанлиурфа и Адијаман.