Силен земјотрес ја стресе Атина

by fokus

Силен земјотрес со јачина од 5,1 според Рихтер е почувствуван во Атина, во 14.13 часот по локално време, а за сега нема информации за повредени, додека некои домови претрпеле мала материјална штета.

Епицентарот, според грчката национална опсерваторијата бил на планината Парнита, на 23 километри северозападно од Атина, а беше почувствуван на целата територија на грчката престолнина.

Земјотресот бил со силен и почувствуван и на отворено, а голем дел од граѓаните ги напуштиле своите домови и излегле на улица. Веднаш по земјотресот имало проблеми со мрежата на мобилните оператори и фиксната телефонија, интернетот функционира нормално, а во дел од атинските населби во прекин е снабдувањето со електрична енергија.

Неофицијално, биле евакуирани трговски центри и јавни објекти во Атина.

Според грчките медиуми, министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис ја следи ситуацијата од Центарот за операции на грчката противпожарна служба, припадници на полицијата и противпожарната служба се на терен доколку е потребно да им пружат помош на граѓаните, хеликоптер „Супер пума“ ги надлетува населбите во западниот дел на регионот Атика.

-Живеам во зграда, на третиот кат. Го почувствувавме и тоа многу. Не само што се тресеше, туку почнаа да паѓаат предмети. Ги земав децата и веднаш излеговме надвор, вели Василики која е мајка на две малолетни деца.

-Во моментите кога се случи земјотресот бевме во морето. Слушнавме дека се направи паника и почнаа да ни викаат да излеземе бидејќи има силен земјотрес, вели еден пензионер.

Според грчите сеизмолози кои велат дека ја следат ситуацијата, веројатно беше главниот земјотрес по кој можно е да следат помали, афтер шокови.

Поврзани новости