Силен ветер, грмотевици, дожд и град попладнево зафати делови од Скопје.
Од силното невреме повеќето улици во делови од населбите Карпош, Радишани, Чаир и Шуто Оризари се под вода.
На социјалните мрежи се поставуваат видеа од поплавени подруми и гаражи, паднати дрвја и блокирани возила.
Повеќе граѓани на Фејсбук објавуваат дека и во населбата Волково имало невреме.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека како резултат на попладневното силно невреме во Скопската котлина биле добиени пријави за повеќе настанати штети.
„Преку единствениот број за итни повици 112 добиени се пријави и известувања за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли“ – велат од ЦУК.
Имало пријави и за поплавени куќи, подрумски простории, гаражи и улици.
Во делови од градот имало и проблеми во снабдувањето со електрична енергија, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради.