По речиси два месеца, денес падна дожд во делчевското регион. Додека траеше големиот шумски пожар, пожарникарите и сите институции кои беа вклучени во спасувањето на шумите потенцираа дека спас гледаат само во дождот, кој ќе го изгасне пожарот, но и нема да се јавуваат нови жаришта во шумата.
Невреме со силен дожд и град го зафати и Кичевско. За кратко време, градските улици се претворија во вистински реки, сообраќајот се одвиваше отежнато, а беше невозможно пешаците да се движат од силните млазеви на вода кои ги создаваа автомобилите при побрзо движење.
Попладнево силно невреме го зафати преспанскиот регион, каде паѓал град со големина на орев и силен ветер, што предизвикало паника кај мештаните и туристите кои летуваат на преспанското крајбрежје.
Од утре се најавува повторно сончево време, но посвежо во споредба со досега.