Сиљановска: Време е и политички да станеме дел од Европа

by Фокус

Колку сме поединствени, толку ќе бидеме поотпорни на било какви предизвици. Верувам во регионалното единство и повикувам на јасен, силен, единствен регионален глас што ќе ја обликува нашата заедничка иднина во Европа, порача претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај и бугарскиот претседател Румен Радев по завршувањето на денешниот Самит на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа во Тирана.

-Отсекогаш сме биле не само географски дел од Еверопа, туку и историски и културно. Време е и политички да станеме дел од Европа. Ова јас не го нарекувам реинтеграција, ова го нарекувам реунификација бидејќи таа нема да биде завршена без нас, беше децидна Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека не смееме да дозволиме да бидеме геополитичка и геоекономска периферија. Потребна ни е, истакна таа, соработка, инфраструктурна, економска, енергетска, дигитална затоа што преку соработката ќе изградиме посилен и поповрзан и поконкурентен регион.

-Да не очекуваме да не почитуваат, ако не се почитуваме меѓусебе. Поддржувам и поддржуваме заеднички регионален пазар и интегрирање на нашиот пазар во Европскиот, тоа мора да е врзано со реформи, а тоа ни го овозможува планот за раст на ЕУ, рече Сиљановска-Давкова.

Поврзани новости