Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќање пред членовите на Генералното собрание на ОН на 26 септември рече дека од европските и стратешки партнери на државата очекуваат разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија.
„Отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи“, рече Сиљановска Давкова во својот говор.
Како што кажа пред Генералното собрание, за нас членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо.
„Оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“, рече таа додавајќи:
„Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународната и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година“, рече Сиљановска Давкова.
„Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“, истакна Сиљановска Давкова.
Таа додаде дека проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и, како што рече, да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.
„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој, рече шефицата на државата“, рече Сиљановска Давкова.
Инаку, на 26 септември Брисел објави дека Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со ЕУ, со што неформално се одвојува од Северна Македонија кои заедно тргнаа по европскиот пат на почетокот на преговорите пред две години.