Сиљановска: Страшно се разочарав што денеска не ја слушнавме химната

by fokus

Кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на вечерашниот митинг во Струга рече дека е многу разочарана што при денешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас не ја слушнала македонската химна.

-Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите што сте овде Ви се обраќам вам, Ви се обраќам, Ви се обраќам во името на Македонија. Ги слушам зурлите и тапаните и по некој кавал и си велам тоа ни била судбината, да живееме со тешкото на Конески. Цел живот треба да докажуваме кој сме и зошто сме. Денеска страшно се разочарав, замислите 75 години по АСНОМ денеска не ја чувме химната. Зошто? Имало проблеми со авионот, задоцнил. Да потсетам сета македонска приказна е во химната, во борбата за правдините, ама денеска премиерот всушност го прекрши законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со двотретинско мнозинство, закон во кој што се вели дека било каква официјална средба уште на аеродромот и пред Владата и пред било кој орган мора да се емитуваат, да се чујат химните на двете држави. Не ми се верува. Кога пред неколку месеци се коваше, кога се носеше Преспанскиот договор реков дека следното што ќе биде на удар ќе биде химната, а ве потсетувам на химна се плаче, пред химна се стои простум, со химна се победува, со химна се радува. Не, ние ја немавме денеска  таа можност барем преку химната да покажеме дека сме нормална, рамноправна држава, оти држава без химна нема важен симбол. Химната е Македонија, Македонија е химната! Но, не за нив. Но, да за нас!, рече Сиљановска.

Поврзани новости