Кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на вечерашниот митинг во Охрид порача дека сегашното име на државата нема иднина и дека ќе го смени, односно ќе го врати името Република Македонија. Потоа, со уставна промена ќе се донесе клаузула за непроменливост на името, планира Сиљановска.
-Велеа нулта корупција, а имаме хибриден режим. Имаме едногласно комунистичко Собрание, кривосудството, реваншизам и селективна правда. Единствената реформа е Преспанскиот договор и промената на името. Јас не сум против договори, но во договорите има две страни. Нашиот Устав вели дека меѓународните договори ги склучува претседателот. Заборавија дека министерот за надоворешни не е овластен да потпишува промена на името. Треба да победиме на овие избори и да отвориме пат за предвремени парламентарни избори. Не велам дека ако ме изберете веднаш ќе го сменам името, тоа е невозможно. Но, сигурна сум дека ова име нема корен и не може да има иднина. Ќе дојде претседател близок до народот, ќе дојде еден одговорен состав во Собранието, нови уставни судии кои ќе го штитат Уставот. Тогаш еден ден со една уставна промена ќе го заштитиме името со една клаузула за непроменливост, рече Сиљановска.