Претседателскиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова го поднесе првиот приговор за кршење на изборните правила. Според приговорот, Академијата за судии и јавни обвинители спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
Во образложението на приговорот пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители на 23 јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година АСЈО го објавила расопредот за полагање на квалификацискиот тест што би се спроведувал во периодот од 1 април до 5 мај годинава.
„Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик“, пишува во приговорот на Сиљановска Давкова.
Приговорот го поднела вчера, а според Законот за спречување на корупцијата Државната комисија за спречување на корупцијата е должна во рок од еден ден по поднесувањето на приговорот да ја извести Академијата за судии и обвинители за приговорот и да побара објаснување. АСЈО, пак, има рок од три дена да се произнесе по барањето на ДКСК.
Според истиот законик, ДКСК е должна не покасно од пет дена, најкасно во вторник, 9-ти април да закаже јавна седница на која ќе постапи по приговорот од Сиљановска Давкова и да донесе соодветна одлука. По ова, ДКСК е должна одлуката по приговорот да ја објави на својата веб страница во рок од 24 часа односно не покасно од среда, 10-ти април, а во одлуката треба да се утврди дали постои прекршување на одредбите на Изборниот законик и доколку има, тогаш ДКСК пред надлежните институции треба да иницира постапка за утврдување на одговорноста на лицето, органот или институцијата што го прекршила Изборниот законик.
Според опозицијата, овој приговор кој го покренува Сиљановска Давкова ќе биде тест за интегритетот на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. Опозицијата претходно спомена неколку имиња кои, според неа, се фаворити на власта за идни судии и обвинители, кои треба да засноваат работен однос во АСЈО со незаконито полагање на приемните тестови за време на распишани избори.