Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својот говор од говорницата на Обединетите нации кажа: „Мојата држава, Република Северна Македонија“.
-Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно последен услов за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат, рече Сиљановска.
Таа зборуваше за неправдите кои ѝ беа направени на Македонија уште со приемот во ОН под привремената референца во 1993, а потоа и за Преспанскиот договор со кој беше сменето името и решен спорот со Грција, повикувајќи се на времето кога беше професорка по уставно право и член на Венецијанската комисија:
-Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно ‘се заборави’ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.
Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес, рече Сиљановска.