Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска најави дека ќе го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието.
Taa изјави дека министерот за транспорт Александар Николоски ѝ ги образложил причините за законските измени и ѝ кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти.
-И во кампањата и во мојот инаугуративен говор реков дека ќе посегам по ветото, дека претходно ќе разговарам и со предлагачите и со пратениците. Разговарав со предлагачот, барав да ми ги образложи причините за скратната постапка, ми ги образложи, ги знаете причините.
Вели дека е невозможно да се реализира помошта на општините доколку нема можност клучните објекти како училишта, градинки, гаражи, да се реалиизраат доколку не може да се префрлат средствата. Ми ги објасни овие измени како привремени или преодни. Рече дека е подоготвен веднаш да формира широка комисија од хетероген состав, вклучувајќи ги невладините организации во неа – рече Сиљановска.
Претседателката посочи дека секојдневно добива укажувања и од невладиниот сектор и дека секогаш ќе бара тој да се третира како партнер.
-Она што мене ме загрижува е следното. Значи, скратена беше постапката но исто така беа поканети како што можев да видам и релевантни претставници на невладиниот сектор за донесувањето на овој закон. Да бидам искрена јас сум за инклузивен модел и секогаш ќе барам да се почитува мислењето на невладиниот сектор и да се третира како партнер. Да не заборавиме дека законите ги носат пратениците, но она што мене ме збуни во случајов со овој закон е дека не видов ниту една дискусија на комисијата и на пленарната седница од пратениците од опозицијата – додаде таа.