Сиљановска има „ас“ во ракавот и може да ги помилува осудените за „крвавиот четврток“ за Илинден

by Fokus

Помилување или повторување на судењето за „27 април“ се двете опции што ги имаат 16-те осудени за овој предмет, кои со години се во затвор. Иако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова најави дека ќе ги помилува, сега пред празникот Илинден, кога традиционално претседателот помилува, е тивко и сите се воздржани. Сепак, Сиљановска има „ас“ во ракавот и може да изненади. Законот за помилување ѝ дозволува по исклучок да дава помилување и без спроведување на постапката, кога тоа е од интерес за Републиката, кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Седумката не е среќна бројка за осудените за упадот во Собрание. Се случи на 27 април 2017 година. Судењето за најобемниот предмет од поновата судска историја траеше седум месеци, а сега, седум години по „крвавиот четврток“, осудените се сè уште в затвор.

Новата власт на чело со Христијан Мицкоски, на големо најавуваше помилување или повторување на судењето, односно правда за, како што тврдат, неправедно осудените.

Новата власт беше нова надеж за нив, со оглед на тоа што осудените за „крвавиот упад“ беа често споменувани и во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, но и во кампањата на сегашната претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Сега, пред големиот празник Илинден, кога новата претседателка треба да ги објави своите први помилувања, сите се воздржани. Никој не ги споменува осудените за 27 април, а воздржани се и нивните адвокати.

„Фокус“ испрати прашања до Кабинетот на претседателката уште пред околу еден месец, дали ќе бидат помилувани осудените за „крвавиот четврток“, но одговор сè уште немаме добиено.

Дел од адвокатите ги игнорираа нашите прашања, а дел брифираа дека немаат никакви најави за помилување. Извесно е дека никој од нив не поднел барање за помилување до претседателката, но не доставиле ниту нови докази до Кривичниот суд, со кои може да се бара повторување на судењето.

Всушност, ова се две опции кои им стојат сега на располагање на осудените откако вратата за слобода им ја затвори и Врховниот суд.

Но, освен стандардната постапка предвидена со Законот за помилување, Сиљановска има „ас“ во ракавот, кој може да го искористи и за Илинден да ги помилува осудените за „27 април“, иако сè уште нема формирано Комисија за помилување.

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.

Со помилувањето на определено лице му се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната на лицето што би било помилувано согласно Кривичниот законик“, објаснуваат од Коалицијата за „Фокус“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости