Сиљановска Давкова: Турскиот јазик и култура се скапоцен дел од македонската мултикултурна ризница

by Fokus

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод одбележувањето на 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.

-Во богатото ткаење на нашата татковина, турската заедница е сјајна нишка која го облагородува мозаикот на заедничкото живеење придонесувајќи за зајакнување на меѓусебното разбирање и хармонија, наведува Сиљановска Давкова во честитката.

Таа потсетува дека на 21 декември 1944 година, првпат се разлеа гласот на наставата на турски јазик во просториите на училиштето „Тефејуз“.

-Денот на наставата на турски јазик го отелотворува правото на секој народ да го негува мајчиниот јазик како дел од националниот и културниот идентитет. Турскиот јазик и култура се скапоцен дел од македонската мултикултурна ризница и сведоштво за вековната симбиоза и соживот меѓу народите, посочува Сиљановска Давкова.

Јазикот не е само средство за комуникација, додава претседателката, туку и движечката сила што ги димензионира дострелите на науката, ја обликува културата и ја поттикнува мудроста на народите.

-Овој празник нека ве поттикне на уште поголеми успеси во зачувувањето и во развојот на вашиот јазик, култура и традиција. А, наставата на турски јазик нека продолжи да ги отсликува вредностите на знаењето, толеранцијата и почитувањето во нашето заедничко живеење. Честит 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик!, наведува претседателката во честитката.

Поврзани новости