Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими директорот на канцеларијата на Светската банка за Косово и за Северна Македонија, Масимилиано Паолучи.
На средбата претседателката изрази благодарност до Светската банка за континуираното партнерство и поддршка во поттикнувањето на општествениот развој и економскиот раст на земјата.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави досегашните напори на Светската банка во подобрување на деловната клима, зголемување на вработеноста и социјалната заштита и промовирањето на одржлив и зелен раст.
На средбата беше разговарано и беше поздравена новата Рамка за партнерство со нашата земја, како можност за дополнително јакнење на соработката со Светската банка и обезбедување на одржлив развој.
Во разговорот со Паолучи, претседателката изрази подготвеност и поддршка за натамошно вложување на заеднички напори со цел справување со тековните економски предизвици кои се од суштинско значење, како и реализација на иницијативи кои водат до јакнење на економијата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Во таа насока, претседателката ја истакна својата посветеност за унапредување на овие цели и промовирање на интересите на нашата земја преку економска дипломатија.