Сиљановска Давкова: Руралните жени се хероини на кои треба да им се восхитуваме

by Fokus

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод Меѓународниот ден на руралната жена се обрати на трибината на тема „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“, што во организација на Националната федерација на фармери се одржа денеска во битолското село Дихово.

Таа заблагодарувајќи се на жените од руралните средини, посочи дека нивната улога не е само да придонесуваат во земјоделието, како една од најзначајните стопански гранки, туку далеку поширока.

„Јас се гордеам со луѓето што живеат во руралните средини. Македонија била рурална држава. Храната била и ќе остане стратешка цел, покрај енергијата“, рече претседателката.

Истакнувајќи дека тие вложуваат енормен труд, без или со минимален надомест, претседателката ги потенцираше бројните проблеми и предизвици со кои се соочуваат жените: системската дискриминација, недостиг на инвестиции и донации во земјоделството, неплатена домашна работа и скратен дневен, неделен и годишен одмор, отсуство на здравствено осигурување за време на бременост, недостиг на социјална грижа заради непокриеност со детски установи, нецелосна и несоодветна здравствена заштита, недостиг на домови за стари лица, непоседување на имот, слабата инфраструктура, отсуство на редовен превоз, неинформираност, како и е несоодветната и неправична заработка.

Таа истакна дека не смееме да дозволиме руралните жени да бидат вештачки хендикепирани и фрустрирани и дека се потребни измени на Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување. Во таа насока таа порача и дека економските и социјалните политики мора да ги земат во предвид потребите на најранливите категории.

Потенцирајќи дека најпогодени се жените од сиромашните земји, таа порача дека суштинска е поддршката и охрабрувањето на женското претприемништво, менторството и лидерство, додавајќи дека успешните жени, како во политиката и економијата, така и во руралните средини треба да бидат инспирација.

„Не смееме да ги занемаруваме трудот, вештините, секојдневниот ангажман на оние што придонесуваат не само за благосостојбата на семејството, туку и на заедницата и на општеството. Со право велат дека животот на жените лидерки од руралните средини е 24 часовен ангажман, битка со земјата, љубов со земјата, со производството на храна и секојдневна битка и соживот со природата. За мене, жените од руралните средини се апсолутните лидерки, хероини на кои треба да им се восхитуваме, но не е доволно само да се восхитувате, туку треба да ги поддржуваме и да ги помагаме, индивидуално, институционално и на секаков начин. Поддршката на руралните жени е поддршка на македонското село, поддршка на запирање на процесот на иселувањето, поддршка на земјоделството, поддршка на македонската економија, но и поддршка на македонската иднина“, рече во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.

Поврзани новости