Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во Центарот за обука на вода во Охрид.
Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова оддаде признание на припадниците на Армијата за нивното дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности, како дома, така и во странство, преку учество во бројни мировни мисии. Претседателката особено ја истакна посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите на територијата на целата држава, секогаш правејќи го тоа професионално и пожртвувано и поради тоа, како што нагласи, Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓани.
На централната свеченост беше извршено примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
„Почитувани припадници на Армијата, почитувани ветерани на македонската одбрана, Ви го честитам денешниов ваш и наш празник – 18 Август, Денот на Армијата. Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народно – ослободителна борба.
Како претседателка на Републиката, како врховна командантка на вооружените сили, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните. Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на армијата сте вистинските чувари на наследството – слободната македонска држава, која пред 80 години, на АСНОМ, ни ја оставија нашите храбри предци.
Пред повеќе од три децении, независната македонска држава ја устрои својата армија, како браник на нејзиниот територијален интегритет и нејзината независност.
Неодамна, на прославата на Илинден, потенцирав дека силата ни извира од единството на нашите различности: етничка, верска, јазична, генерациска, полова, идеолошка. И покрај разликите, Вие, офицерите и подофицерите, војниците и резервистите, ветераните и питомците, споделувате нешто заедничко: сите сте поврзани и обврзани со свечената заклетва дека ќе ги браните слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Ве потсетувам дека насушна и непресушна потреба и чест е дисциплинирано, совесно и одговорно, како и досега, да ги извршувате воените должности. Знам дека Вие го правите тоа постојано и беспрекорно со макотрпни реформи, согласно строгите НАТО стандарди, со активното и кредибилно учество во мировните мисии во функција на регионалниот и глобалниот мир, преку меѓународните воени вежби на кои ги демонстрирате знаењето и способностите, а најмногу со безрезервната подршка и помош што им ја давате на македонските граѓани и на цивилните институции во справувањето со елементарните непогоди, како пожарите летово.
Сево ова ме прави горда на вас, припадниците на Армијата.
Додека денес го прославуваме овој голем и важен празник, дел од припадниците на Армијата се борат со огнените стихии ширум државата. Во овој момент им помагаат на противпожарните екипи во гаснењето на пожарите, заштитата на граѓаните и добрата. Би сакала како претседателка на сите граѓани-волонтери, исто така, да им изразам неизмерна благодарност за помошта во овие огнени денови.
Повторувам, години наназад, Армијата редовно се ангажираше во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби. Секогаш тоа го правеше професионално и пожртвувано. Затоа Армијата, затоа вие, континуирано уживате највисока доверба кај македонските граѓани.
Но, должна сум да потсетам дека, во битката со пожарите не сме сами, туку ја имаме помошта од пријателските држави, особено од регионот. Не попусто рекле дека во маката се познаваат пријателите. Да им се заблагодариме за солидарноста сега, кога ни е најтешко. Нивната помош нема да ја заборавиме. Како во минатото, така и во иднина и ние ќе продолжиме да им помагаме на нашите соседи и пријатели кога за тоа ќе има потреба.
Но, освен неброените хектари шуми, ниви и пасишта, во овие пожари се изострува прашањето за функционалноста на системот за превенирање на пожарите и справување со нив. Како и досега, така и во иднина, Армијата ќе биде подготвена да им даде целосна поддршка на граѓаните и на надлежните институции. Но, време е да се преиспита системот за заштита и спасување и за управување со кризи, да се детектираат и коригираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен, ефикасен систем на справување со кризи. Мора да направиме сè што е потребно за да го заштитиме општото добро и јавниот интерес навреме, да посегнеме по превенција, наместо по справување со последиците. Сигурна сум дека тоа ќе биде направено.
Ова е особено важно имајќи ги предвид климатските проекции за иднината. Сушите, пожарите и поплавите ќе бидат сѐ почести и сѐ поинтензивни, оти, за жал, ние луѓето влеговме во однапред изгубена војна со природата. Како мултипликатор на безбедносните ризици и закани, климатските промени предизвикуваат домино-ефект, од елементарни непогоди, преку климатски миграции, до трка за ресурси.
Затоа, мора да изградиме рационална и инкременталистичка политика што ќе резултира со функционален систем, способен навреме и соодветно да се адаптира кон промените, да ги превенира ризиците, да управува со процесите и да ги ублажува последиците. Така, ќе обезбедиме одржлив развој и сигурна сегашност и иднина за македонските граѓани и за македонската држава“, истакна во дел од својот говор претседателката Сиљановска-Давкова.