Сепак, 11 века подоцна, не можеме, а да не забележиме дека вредностите и навиките всадени од Св. Климент исчезнуваат пред нашите очи. Живееме во време на нарушени меѓучовечки односи. Наместо хуманост и дарежливост, сè пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието како цели што ги оправдуваат сите средства. Ова е време во кое чесните се игнорирани додека аздисаните се имитирани. Во Европа сме меѓу последните според нивото на волонтерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така експлоатацијата ги загадува почвите, водите и воздухот, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ синоќа се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност.
„Сведоци сме на повеќедецениска трка за узурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. И сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Доволно е да се сетиме на загрозеното природно и културно наследство на охридскиот регион на УНЕСКО, кој беше центар на Светиклиментовата духовна и просветителска дејност.
Овие состојби не се сегашни, туку нѐ следат со години и со децении. Но, сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција нè заглави во оваа европска периферија наречена чудно Западен Балкан, од која масовно се иселуваат нашите млади.
На некој начин, како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претвораме во општество во кое хуманото НИЕ и НАШЕ е потиснато од себичното ЈАС и МОЕ.
Пред нас е големата задача оваа наша периферија одново да ја претвориме во центар на образованието, економијата, културата и уметноста, на иновативноста и креативноста. Ние мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да го обезбедиме владеењето на правото, да изградиме функционални системи и институции. Но, за сите овие напори да фатат корен и да дадат плод, треба одново да се навратиме на вонвременските Светиклиментови пораки.
Иако се напишани со архаичен јазик, неговите слова зборуваат за актуелни теми. За правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.
Првата вредност е правдата. Светиклиментовата правда не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.
Втората вредност е солидарноста, која не е минлива емоција, туку практична доблест и применлива политика. Да бидеме солидарни значи да бидеме човечни, односно, свесни за потребите и за страдањата на другите. Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот.
Денешниов празник е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Но, треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции.
Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител, Св. Климент Охридски“ рече Сиљановска Давкова во својот говор.