Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва во „Само Интервју“ на Канал 5 ТВ зборуваше за обврските од Преспанскиот договор и дека Македонија ги реализира навремено, но дека Грција не го прави тоа.
„Барам разбирање, го имаме Преспанскиот договор, се смени уставот, сменивме документи, дури и шахтите ги сменивме, време е другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција тоа го стори, таму ќе видите „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија, рече Сиљаноска Давкова.
Според неа, држи изјавата на Коцијас дека Грција имаше посебна обврска да ја потсетува ЕУ, тие во Советот и Комисијата, дека треба да отвориме поглавја за примената на Преспанскиот договор, зашто со неа го склучивме Договорот.
Нагласи дека Грција или ЕУ треба да ја советува Бугарија, зашто се тврди дека нема преговори за историја, култура, наследство и јазик, а ние, како што рече, токму тоа го правиме во историските комисии.
Во однос на заклетвата, кога таа не кажа Северна Македонија, Сиљаноска Давкова вели дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски. Рече дека не забележала оти грчката амбасадорка ја напуштила инаугурацијата, бидејќи, како што нагласи била преокупирана со чинот.
-Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија, тоа е тоа, не дека терам инает, се однесував сократовски. Во Изборниот законик името не е сменето, си пишува Република Македонија. Заклетвата е таму точно наведена, името е Република Македонија. Сакав да покажам дека придавка е придавка, а дека она што е суштинско е Македонија. Сакав да се држам до Преспанскиот договор чиј член 7, став 3 објаснува кога може да се употеби името Македонија, а тогаш е логична и придавката. Можеби за тоа придонесе фактот што претседателот на Собранието во неполни неколку минути 25 пати го употреби изразот Северна. Не ми е јасна таа логика, рече Сиљаноска Давкова, укажувајќи дека во многу земји заклетвите се напишани со употреба на зборот „република“, како во Франција, а не со името на државата.
Претседателката уште еднаш кажа дека не го крши Преспанскиот договор.
-Деновиве слушам дека мора да се почитуваат двата договора, Преспанскиот договор јас не го кршам, во него пишува дека ние докуметите треба да ги смениме ама и по отворањето на првото и другите поглавја. Кој отвора поглавје, кој одлучува за тоа? ЕУ. Дали тоа некој го кажа? Требаше да го каже Грција. Не само што не отворивме поглевје, туку сега треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори. Во ниту еден член во Договорот со Бугарија не пишува дека ние треба да го менуваме Уставот. На Макрон му реков дека му е извонредна филозофската теза за ЕУ, но филзоофијата не може да биде без принципи и вредости. ЕУ во самите договори предвидела санкции ако некоја членка ги крши темелните вредности и принципи. Без темелни вредности нема ЕУ како филозофија на демократија, подвлече Сиљаноска Давкова.
Таа е децидна дека со премиерот Христијан Мицкоски не го толкуваат различно Преспанскиот договор.
Во Швајцарија на средбата со Мицотакис, рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име, и создала конфузија.
-Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички, истакна Сиљаноска Давкова.
На прашањето дали во следните пет години нема да го каже името Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која во Уставот се вика така, зошто тоа да го повторувам? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска репунблика? Не. Ги почитувам договорите. Не е точно дека ние ги кршиме, туку некој друг ги крши, заклучи Сиљаноска Давкова.