Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска е во работна посета на Србија, се сретна со претседателот Александар Вучиќ.
– Среќни сме што можеме да ве нагостиме денеска, ќе ручаме и заедно. Многу сум среќен што можам да и ја честитам победата на изборите, да и посакам успешна работа во наредните години. Сигурен сум дека Србија и Македонија ќе развиваат понатамошни односи со взаемно почитување и дека ќе работиме на проекти, порача Вучиќ.
Претседателот истакна дека Србија пројавила интерес за изградба на пруга до Прешево.
– Веќе почнавме да разговараме, изразив интерес за изградба на пруга до Прешево за да има брз пристап до Солун. Разговаравме и за сите други прашања и проблеми со кои се соочуваме. На сите во Србија и на Македонците им го честитам денешниот празник, голем празник и нека слават уште многу години. Го молам претседателот да се чувствува како дома во Србија. Убеден сум дека во нашата размена можеме да одиме до над 2 милијарди евра – рече претседателот Вучиќ.
Претседателката Сиљановска Давкова, рече дека е добро да се дојде овде.
– Нашите односи се извонредни и сме добри соседи во вистинска смисла на зборот – рече таа.
Според неа, постои желба за постојана соработка и солидарност.
– Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме во оваа смисла. Знам дека оваа средба нема да биде последна, би сакала уште еднаш да ви се заблагодарам за разбирањето – заклучи македонската претседателка.
Вучиќ, во друштво на неговата македонска колешка беше на ручек во винаријата „Алексиќ“.
„Со нескриена гордост и ги претставив на претседателката на Македонија одличните вина што Србија може да ги понуди. Ручекот во автентична атмосфера во винаријата `Алексиќ` беше можност за неформални разговори и дегустација на врвни вина од нивната визба. Благодариме на семејството Алексиќ за нивното гостопримство и за давање на најдоброто можно претставување на нашата земја. Разговарав со мојот драг гостин и домаќините за заедничките можности во лозарството и туризмот“, напиша претседателот на Србија на својот официјален Инстаграм профил.