Сиљановска Давкова на промоцијата на офицери и подофицери: Армијата е едно семејство, обврзани сте да ја браните слободата, сувереноста и интегритет на македонската татковина

by Fokus

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје се обрати на свечената промоција на 24. класа на питомци во прв офицерски чин – потпоручник, слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин – поручник и слушателите на основниот курс за подофицери во прв подофицерски чин – водник.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова пред питомците истакна дека тие стануваат офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти и дека како офицери на НАТО- армија, од нив се очекува да ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и врвни критериуми.

Претседателката изрази уверување дека тие активно ќе учествуваат во справувањето со традиционалните и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот и дека ќе треба да придонесуваат за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржуваат борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.

„Горда сум на питомците, горда сум и на вас. Особено сум горда што најдобрите питомки се жени. Како врховна командантка на вооружените сили, навистина ми е особена чест да учествувам на оваа промоција во офицерски чин на питомците и студентите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Ви честитам вам, на вашите професори, и веќе реков, на вашите најблиски. Нема поголема инвестиција од онаа во знаењето. Но, како учителка, но и како жена ви препорачувам да преферирате авторитет наместо моќ“ порача Силјановска Давкова.

Таа напомена дека „Армијата, е всушност, едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина“.

 

Поврзани новости