Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за државната МИА вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел.
Сиљановска Давкова повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.
– Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба која што вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Се разбира дека тоа јас го истакнувам. Она што го истакнувам јас не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените Преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени Преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи видете низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копехангенските критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик, а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор – вели Сиљановска Давкова.
Таа потенцира дека не може историјата, културата, јазикот да бидат предмет на разговор.
-Тогаш ние што правиме, всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот, посочува Претседателката.