Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
На средбата беше разговарано за неопходноста од реформи во системот за управување со кризи, потребата од измени на Законот за управување со кризи, како и за владината одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов, ја запозна претседателката со системските проблеми и недостатоци со кои се соочуваат, неефикасноста и преклопувањето на нивните надлежности со функциите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека пожарите што ја зафатија земјава ги потврдија критичните недостатоци во системот за управување со кризи, и ја истакна неодложната потреба од суштинско реорганизирање и сеопфатни реформи, што е од клучна важност за ефикасно справување и соодветна реакција во кризни состојби.
На средбата беше потенцирана и важноста од натамошна координација и соработка помеѓу Претседателката, Владата, Армијата и сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел навремено и соодветно делување во услови на кризна состојба.
Директорот Ангелов на средбата информираше и за тековните состојби со пожарите, како и за мерките и активностите кои се преземаат за нивно ставање под контрола и гаснење.