Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто изјави дека Европската унија мора да биде свесна дека Западен Балкан и е потребен повеќе од било кога и додаде дека кога станува збор за безбедносната политика, Унгарија може да ги забрза пристапните процеси.
Сијарто ова го изјави на министерскиот панел во рамки на Балканскиот форум што се одржува во Будимпешта, на кој учествуваат министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Албанија, Олта Џачка.
„Колку повеќе членки, толку е посилна Европската унија. За сите кои се залагаат да не се шири, мислам дека работат на тоа да го ослабат“, рече Сијарто, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека кога станува збор за процесот на проширување во ЕУ, постојат многу пречки за земјите кандидати.
„Унгарија, кога станува збор за безбедносната политика, може да ги забрза овие процеси бидејќи имаме голема закана од имигрантите и илегалната имиграција“, рече Сијарто.
Тој оцени дека ЕУ нема да може да го издржи „притисокот на мигрантите“ доколку во овие процеси не ги вклучи земјите од Западен Балкан.
„ЕУ треба да ги забрза пристапните процеси и тоа нема никаква врска со правните аспекти. Тоа е чисто израз на политичка волја ако сакаме да примиме некого порано или побрзо. Не треба да зборуваме за некои пречки. Оние кои се за зајакнување на ЕУ се за побрз пристап на нови членки“, порача Сијарто.