Факт е дека сите регистарски таблички на возилата ќе треба да се усогласат со правилникот и со законот, но факт е дека во оваа ситуација не се криви граѓаните заради тоа што некој насила им ги замени табличките. Не се криви граѓаните, а да, треба да се почитува законот. Согласно закон ќе најдеме начин и модул како сето ова да помине во една правична постапка за граѓаните. Сигурно нема да дозволиме граѓаните да патат затоа што некој немал ум на времето кога преземал одредени обврски. Ова го порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето на емисијата „Топ тема“, прашан за обврската од први јануари, регистарските таблички на возилата мора да бидат со ознака „НМК“.
МВР, посочи Тошковски, она што можело да се направи, го направило – бил заменет правилникот за налепниците да бидат бесплатни и на многу наврати било повикано да се заменат. Прашан дали граѓаните кои регистрирале, а не добиле налепница, може слободно да се јават до станиците за технички преглед и да си побараат, Тошковски рече, „апсолутно да“.
За тоа дали полицијата ќе казнува по Нова година, Тошковски, посочи дека МВР нема исклучиво утврдени правила на игра согласно закон, дека мора репресивно да делува во насока начин на изрекување на парични казни.
-Во делот на казнување постои и друг механизам, кој што МВР може да го употреби, а тоа се соодветни опомени. Сметам дека македонскиот граѓанин, не е должен да ја плаќа последицата на тоа што некој немал ум пред неколку години и „чкрапнувал“ се што му било оставено на маса… Зборувам за реалност, која што е наследена како таква. Да, законот мора да се почитува, но притоа државата мора да биде одговорна спрема своите граѓани, изјави Тошковски
Од Министерството за внатрешни работи (МВР), претходно соопштија дека краен рок за замена на регистарските таблички со нови или на истите да залепи налепница НМК, е 31 декември годинава.
-Тоа значи дека регистарските таблички со четири броја кои ја содржат ознаката МК и регистарски таблици со три бројки кои не ја содржат ознаката МК треба да бидат променети со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака ‘НМК‘ или на истите да се стави налепница, велат од МВР.
Налепници „НМК“ може да се обезбедат во сите станици за технички преглед.
До февруари годинава, имаше законска обврска да се сменат сите лични документи на кои наместо името Република Македонија, треба да стои новото уставно име Република Северна Македонија, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција. Во февруари годинава, МВР го продолжи рокот за замена на налепниците на регистрарските таблички, како и на возачките дозволи со Северна Македонија откако Владата предложи измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои беа усвоени во Собранието.
Тошковски, информираше дека досега се издадени околу 1.800 000 пасоши.
-Нема турканици, се вадат во законскиот рок, се закажуваат термини за кратко време. Хаосот повеќе го нема, обрасци има доволно, нагласи Тошковски.
Нема да дозволиме, порача Тошковски, да се случи за десет години пак да се најдеме во иста ситуација, „ќе најдеме соодветен начин како да одговориме на овој предизвик“.