Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека денеска си заминуваат пилотите и воздухопловен персонал од Кипар што помагаше во гаснењето на пожарите низ Македонија.
За нивната пожртвуваност им се заблагодари директорот Стојанче Ангелов и им додели благодарници.
Кипарскиот тим учествуваше во гаснењето на пожарите летајќи со два противпожарни авиони „ер-трактор“.
„Утрово, директорот на ЦУК, Ангелов ги испрати пилотите и другиот воздухопловен персонал – тим за двата ПП авиони ,,ертрактор” од Кипар, коишто помогнаа до максимум според можностите и на персоналот и според техничките можности на воздухопловите во справувањето со пожарите од поголеми размери во Македонија. Притоа искажа голема благодарност за помошта и до нив лично и до нивната држава“ – соопштија од ЦУК.
Владата вчера на редовна седница ја продолжи кризната состојба на целата територија на државата поради состојбата со пожарите. Зголемен е и буџетот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за гаснење на пожарите.