Си-Ен-Ен во своите извештаи од Македонија пренесува дека имаше низок одѕив на референдумот за промена на името, во услови на кампања со дезинформации.
– И покрај тоа што властите го поставија прагот на одѕив на 50 отсто, референдумот е консултативен, што значи дека премиерот Зоран Заев може да го активира процесот на уставни амандмани за преименување на Македонија, без оглед на исходот, јавува Си-Ен-Ен.
Јуроњуз објавува дека ниската излезност формираше облаци над Македонија каде гласачите со големо мнозинство рекоа „Да” на референдумот.
– Премиерот Заев се уште вели дека е решен да ја однесе Македонија во Европската унија и НАТО и го нарече референдумот „успех за демократијата”, откако беа затворени гласачките места. Заев сега ќе побара да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство од Парламентот со 120 места до следната недела, за уставни измени и крај на деценискиот конфликт со соседот Грција. Ако не успее, премиерот Заев рече дека единствената алтернатива би била да распише предвремени избори, пренесува Јуроњуз.
„Њујорк тајмс“ пишува дека двете страни тврдат оти победиле на гласањето во Македонија за промена на името. Резултатите од референдумот во Македонија во неделата за промена на името на земјата беа строго неубедливи – водејќи ги двете страни да бараат победа. Но, само 36,5 отсто од гласачите со право на глас излегоа на гласање. Со толку низок одѕив, добивањето на потребната поддршка од македонскиот Парламент би можело да биде тешко, оценува „Њујорк тајмс“.
„Волстрит џурнал“ објавува дека нискиот одѕив на гласачите ги доведува до сомнеж резултатите од референдумот на кој македонските гласачи со големо мнозинство го поддржаа договорот за промена на името на земјата во Северна Македонија, со што се расчистува патот за земјата да се приклучи на најмоќните клубови на Западот.
– Резултатот е удар за САД и ЕУ, кои сакаа посилна јавна поддршка таму. Запад гледа на влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО како витален чекор за стабилизирање на регион во кој Западот и Русија се повеќе се борат за влијание, наведува „Волстрит џурнал“.