Кинескиот претседател Си Џинпинг му рече на својот руски колега Владимир Путин дека меѓународната ситуација е во хаос, но дека стратешкото партнерство меѓу Пекинг и Москва е сила за стабилност во време на најзначајните промени забележани во еден век. Во мај, Си и Путин ветија „нова ера“ на партнерство меѓу двата најголеми ривали на Соединетите држави, што тие го опишаа како агресивна сила од Студената војна која предизвикува хаос низ целиот свет.
„Во моментов, светот минува низ промени невидени во последните сто години, меѓународната ситуација е испреплетена со хаос“, му рече Си на Путин во рускиот град Казан на отворањето на самитот БРИКС, група која ги обединува Кина, Русија, Бразил, Индија и Јужноафриканската Република.
„Но, јас цврсто верувам дека пријателството меѓу Кина и Русија ќе продолжи со генерации и дека одговорноста на овие големи земји кон нивните граѓани нема да се промени“ додаде Си.
Русија, која води војна против украинските сили, и Кина, чија растечка воена и економска моќ се обидува да и се спротивстави на Вашингтон, сè повеќе наоѓаат заедничка геополитичка цел.
САД ја сметаат Кина за најголем конкурент, а Русија за најголема државна закана. Претседателот Џо Бајден рече дека демократиите се соочуваат со предизвик од автократии како Кина и Русија.
Бајден го нарече Си „диктатор“ и рече дека Путин е „убиец“. Пекинг и Москва негативно реагираа на ваквите коментари на Бајден. Путин го нарече Си „драг пријател“ и рече дека партнерството со Кина е сила за стабилност во светот.
„Руско-кинеската соработка во светските прашања е еден од главните стабилизирачки фактори на светската сцена“, рече Путин. „Имаме намера дополнително да ја подобриме координацијата на сите мултилатерални платформи за да обезбедиме глобална безбедност и праведен светски поредок“.