Шведскиот парламент со големо мнозинство го одобри договорот за воена соработка со САД. Договорот за одбранбена соработка (ДЦА) потпишан од Стокхолм и Вашингтон во декември беше одобрен од 266 од вкупно 349 пратеници, со 37 гласа против и 46 отсутни.
Договорот потпишан од Стокхолм и Вашингтон во декември им овозможува на американските сили пристап до 17 шведски одбранбени бази и складирање на воена опрема, оружје и муниција.
Тоа се и воени аеродроми и воени бази, како и локации низ целата земја за копнени сили каде што САД ќе можат да распоредат воен персонал и материјал и да вршат вежби.
Критичарите на договорот, како што пренесуваат шведските медиуми, велат дека тој требало да предвиди дека присуството на нуклеарно оружје ќе биде забрането во Шведска.
Од владата на премиерот Улф Кристерсон, поддржана од шведските демократи, велат дека договорот го почитува суверенитетот на Шведска.
Шведска, која беше воено неврзана долги години, аплицираше за членство во НАТО заедно со нејзиниот сосед Финска по целосната инвазија на Русија на Украина и се приклучи на западната одбранбена алијанса на 7 март.